Централната прослава по повод 35-годишнината од независноста на Македонија денеска се одржа на платото пред Владата, каде пред присутните се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Тој порача дека 8 Септември е многу повеќе од празник и потсети дека на референдумот во 1991 година граѓаните го оствариле историскиот стремеж за независна и суверена македонска држава.
Мицкоски оцени дека во изминатите три и пол децении земјата изградила институции и сопствен монетарен и економски систем и станала членка на Обединетите нации и НАТО, но истовремено поминала низ кризи, конфликти и политички поделби.
Според него, државата мора отворено да зборува и за изгубените години, пропуштените можности, тешките отстапки и иселувањето на голем број млади и способни луѓе.
„Нашата национална амбиција во следните 35 години не смее да биде само да опстоиме, туку нашата национална амбиција мора да биде да успееме“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека денешната борба за Македонија не се води со оружје, туку во училиштата, болниците, судовите, фабриките, универзитетите и институциите, каде граѓаните треба да почувствуваат дека државата постои за нив.
Премиерот порача дека Македонија мора да создаде општество во кое секое дете, без оглед каде е родено и колкави се можностите на неговото семејство, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот.
Во говорот се осврна и на македонската истрајност, повикувајќи се на метафората за пирејот на Петре М. Андреевски, но нагласи дека дошло време државата да направи нешто повеќе од постојано преживување. Мицкоски повика да се прекине со практиката функцијата да се доживува како привилегија, државата како плен и народните пари како сопствена каса, потенцирајќи дека напредок ќе има само ако се вреднуваат способноста, чесноста и трудот.
Одбележувањето на 35 години независност продолжува вечерва со голем концерт на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, на кој главна музичка ѕвезда ќе биде светски познатиот диџеј Дејвид Гета.
