Тетовските противпожарни екипи во текот на целата ноќ се бореа со пожарот кај селото Церово во Општина Желино, обидувајќи се да го спречат неговото натамошно ширење. Екипите на ТППЕ Тетово биле распоредени на критичните точки околу селото и директно интервенирале на огнената линија. На терен биле и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и командантот на тетовската противпожарна единица, Авни Ахмети, кои ја координирале интервенцијата.
Целта на екипите е пожарот целосно да биде ставен под контрола и да се спречи негово проширување кон околината. Од ЦУК информираат дека состојбата продолжува внимателно да се следи за навремена реакција доколку се променат условите на терен. Надлежните апелираат до граѓаните на зголемена претпазливост при движење и престој на отворено. Од ЦУК потсетуваат дека одговорното однесување во природата е особено важно во овој период за да се спречи појавата на нови пожари.
