Помина една година од големата трагедијата во Кочани. Силината на болката е подеднакво силна како и првиот ден по несреќата. Силината на потребата од правда за загубата на невините млади животи расте секој ден.
Судските процеси се уште се на самиот почеток. За многумина тоа е тешко разбирливо. Семејствата на жртвите, но и целата македонска јавност, очекуваа дека правдата ќе почне да се движи многу побрзо и поодлучно.
Овој пат не смее да се случи долготрајната судска пракса во Македонија – предметите да се влечат со години низ судниците. Овие судења се многу повеќе од обичен судски предмет – тие се вистински тест за македонското правосудство.
Сега државните институции треба да покажат дека се менува старата пракса и дека оваа трагедија ќе биде пресвртница со самото тоа што брзо и точно ќе биде расветлена.
Засега се обвинети 58 луѓе во две одвоени постапки. Само за тоа дали треба да се одвоени се трошеше време, а да не зборуваме дека за некои од делата истрагата е скоро на самиот почеток. Веќе и се погласни се барањата да се преоцени обвинението. Воедно, некои од до сега закажаните рочишта беа и одложени, а и не се работи подолго во денот туку рочиштата се чини дека се кратки.
Сето ова треба сега добро да се преиспита и каде може да се подобри работењето. Сите очекуваат Правдата да биде задоволена. И тоа мора да се случува што е можно побрзо и посеопфатно.
