Кривична пријава против 27 лица е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба, соопшти МВР. Меѓу пријавените е и вработена во Одделението за управни работи Скопје, осомничена дека користејќи ја службената шифра незаконски менувала податоци во електронскиот систем.
Според МВР, во периодот од септември 2020 до август 2026 година таа менувала претходно креирани барања или отворала нови и внесувала категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. На овој начин биле издадени возачки дозволи на 21 лице со незаконски внесени категории, додека во уште еден случај постапката останала во обид.
Внатрешната контрола утврдила и дека четири лица биле посредници кои наоѓале заинтересирани лица, ги поврзувале со вработената и ја координирале постапката за добивање на категориите. Вработената во МВР се сомничи за 22 кривични дела „Фалсификување исправа“ и за уште едно такво дело во обид.
За дел од останатите пријавени постои сомнение дека учествувале како соизвршители, додека кривична одговорност се испитува и за лицата кои добиле дозволи иако не ги исполнувале законските услови.
Шест лица ги употребиле спорните возачки дозволи при преминување на државната граница, поради што се сомничат и за употреба на исправа со невистинита содржина. Две од нив со овие дозволи учествувале и во постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за меѓународен превоз на патници и стоки.
МВР го известило Министерството за транспорт и побарало вонреден надзор и проверка на законитоста на веќе издадените сертификати.
Пријавената вработена претходно била отстранета од МВР поради друга кривична пријава поврзана со злоупотреби при издавање лични документи, но во јануари 2025 година била вратена на работа врз основа на судска пресуда. По најновата истрага, против неа ќе биде поведена и постапка за утврдување дисциплинска одговорност.
До завршувањето на дисциплинската постапка таа ќе биде задолжително суспендирана од работното место.
Случајот е доставен до скопското Обвинителство, кое треба да постапува по кривичната пријава и сомневањата утврдени од внатрешната контрола на МВР.
