Американскиот претседател Доналд Трамп изработил стратегија за запирање на војната во Газа и се очекува наскоро документот да му биде претставен на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на неговата посета на Белата куќа.
Нацрт-планот предвидува итен прекин на судирите, ослободување на сите заложници, како и постепен пренос на власта во Газа.
Официјални лица наведуваат дека ваквиот план би било тешко да се одбие, имајќи предвид дека содржи јасно дефинирани фази – од хуманитарна помош, преку политички отстапки, па сè до безбедносни гаранции.
Клучни точки од планот на Трамп:
– моментален прекин на сите борби во Газа,
– безусловно ослободување на сите заложници,
– ослободување на илјадници палестински затвореници, вклучително и 100–200 осудени на долгорочни казни,
– овозможување непречен влез на хуманитарна помош преку ОН и меѓународни организации.
Планот исто така предвидува гасење на „Фондацијата за хуманитарна помош за Газа“, како и разоружување на Хамас во ограничен временски рок, кое би го спровеле меѓународни и арапски сили. За возврат, припадниците на Хамас би биле помилувани доколку се согласат на разоружување и напуштање на Газа.
Според роковите во планот на Трамп, Газа привремено би ја надгледувала меѓународна арапска безбедносна мисија, додека дневните административни работи би ги водел палестински одбор во рамките на Палестинската управа. По одреден период, Палестинската управа целосно треба да ја преземе контролата.
Би се воспоставиле безбедни хуманитарни коридори низ целата територија, а обновата на Газа би траела пет години под управа на меѓународен и арапски конзорциум.
Соединетите Американски Држави би гарантирале дека Израел нема да го анектира Западниот брег, а двете страни би се обврзале да ги обноват преговорите за конечниот статус на израелско-палестинскиот конфликт.
За реализација на целиот план, според нацртот, главен предуслов е Хамас да го предаде оружјето и да ја напушти територијата на Газа.
Оваа иницијатива доаѓа во момент кога меѓународната заедница се соочува со притисоци да пронајде одржливо решение за еден од најдолготрајните и најтрагични конфликти во поновата историја на Блискиот Исток.
