Со бројни настани и пораки, Скопје се потсети на трагичниот 26 јули, кога пред 62 години земјотресот го разурна Градот и одзеде над 1.000 животи.
Градоначалничката Данела Арсовска напиша дека овој ден е симбол на тага, но и одраз на човечноста и хуманоста во најтешките моменти.
И скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ оддадоа почит во знак на солидарност и сеќавање. Заедничката порака ја пренесе кандидатот за прв човек на Градот, Орце Ѓоргиевски, кој изјави дека „по катастрофата, Скопје повторно се изгради, а ние како општество покажавме дека можеме да се издигнеме од пепелта и да продолжиме напред со обновена енергија и решителност“.
Во истиот дух се огласи и кандидатката за градоначалничка од редовите на СДСМ, Каја Шукова, која не пропушти да обвини и дека актуелното локално раководство го уништува духот на градот.
Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање потсети дека земјотресот е вечен симбол на човечка солидарност и издржливост, а лидерот на СДСМ Венко Филипче истакна дека сеќавањето на 26 јули не е само почит кон загинатите, туку и обврска за иднината.
