Граѓанин кој подигнал брз кредит во износ од 30.000 денари, по три и пол години се соочил со долг од дури 115.000 денари. Ова е само еден од случаите за кои граѓаните побарале заштита од Народниот правобранител поради работењето на финансиските друштва што одобруваат брзи кредити.
Од почетокот на годинава до канцеларијата на Народниот правобранител пристигнале десетина претставки поврзани со работењето на овие финансиски друштва.
Во конкретниот случај, долгот достигнал речиси четирикратно повисок износ од првично позајмената сума. Ваквите случаи повторно го отвораат прашањето за високите трошоци, дополнителните надоместоци и заштитата на граѓаните кои користат брзи кредити.
Министерството за финансии подготвува нов закон за финансиските друштва, со кој се предвидува воведување построги правила за нивното работење, ограничување на трошоците за кредитирање и обезбедување поголема заштита на корисниците на финансиските услуги.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, најави дека до крајот на годинава се очекуваат нови санкции за финансиските друштва кај кои ќе бидат утврдени неправилности, вклучително и одземање на дозволите за работа.
Во изминатите три месеци, по спроведени вонредни контроли, на две финансиски друштва им биле изречени парични казни, како и привремена забрана за одобрување нови кредити во времетраење од 30 дена.
Сериозни неправилности во работењето на финансиските друштва биле утврдени и при контролите спроведени од Државниот пазарен инспекторат.
Од вкупно 27 лиценцирани финансиски друштва, неправилности биле констатирани кај 18, односно кај две третини од друштвата. За утврдените прекршоци биле изречени парични казни во вкупен износ од над 3,5 милиони денари.
Како резултат на утврдените неправилности, повеќе од 26.000 граѓани треба да добијат поврат на незаконски наплатени средства во вкупна вредност од над 140 милиони денари, односно повеќе од 2,2 милиони евра.
Од Министерството за финансии апелираат до сите граѓани кои сметаат дека биле оштетени од финансиските друштва или дека им биле незаконски наплатени дополнителни трошоци да ги пријават неправилностите.
Пријавите може да се достават преку архивата на Министерството за финансии, по пошта или на електронската адреса prijavafd@finance.gov.mk.
