Екипата на ТФТ останува без еден од своите најдобри кошаркари, откако Секу Сила одлучи да ја продолжи кариерата во бугарскиот Рилски спортист. Бугарскиот клуб ја активирал откупната клаузула во договорот на кошаркарот, со што се отвора патот за неговиот трансфер.
Сила сезонава се наметна како еден од најдоминантните кошаркари во македонското првенство и беше еден од клучните играчи во составот на тимот од Тафталиџе.
На осум одиграни натпревари во домашното првенство, тој бележеше просек од 21 поен и 14 скока по натпревар. Со индекс на корисност од 31,3, Сила беше убедливо најкорисниот кошаркар во македонската лига, а неговото заминување претставува сериозен удар за ТФТ.
Раководството на скопскиот клуб веќе работи на ангажирање замена, а неговото место во составот се очекува да го пополни Исмаел Саного, 30-годишен кошаркар од Брегот на Слоновата Коска.
Саного има искуство во европската кошарка, каде што во досегашната кариера настапувал за италијанската Кремона, како и за грчките екипи Арис и Маруси.
Искусниот кошаркар ја пропушти минатата сезона поради тешка повреда, а во моментов тренира со грчки Промитеас.
Во наредниот период се очекува финализирање на преговорите меѓу Саного и ТФТ, по што клубот од Тафталиџе би требало да добие ново засилување во своите редови.
