Студено утро со температури под нулата и снежна покривка во повеќе делови од Македонија. Најниската температура утрово е измерена на Попова Шапка, каде што живата на термометарот се спуштила до минус шест степени, додека најмногу снег има во Маврови Анови, каде што снежната покривка достигнала 28 сантиметри.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во Маврови Анови утрово се измерени минус пет степени, во Крива Паланка, Крушево и Лазарополе минус три, а во Берово минус два степена.
Во Тетово и Куманово температурата се спуштила до минус еден степен, додека нула степени се измерени во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Претор, Битола, Прилеп, Велес, Виница, Кавадарци и Демир Капија.
Во Штип утрово е измерен еден степен, во Струмица два, додека највисоката утринска температура е регистрирана во Гевгелија, каде што изнесувала три степени.
Во изминатите 24 часа, заклучно со седум часот утрово, најобилни врнежи се регистрирани во Пожаране, каде што наврнале 42 литра на квадратен метар. Во Демир Капија се измерени 35 литри, во Струмица и Маврови Анови по 34, на Попова Шапка 33, во Претор 31, а во Битола 30 литри на квадратен метар.
Во Берово наврнале 27 литри, во Крушево 25, во Гевгелија 24, во Охрид 22, во Велес 16, во Крива Паланка 15, во Виница 14 и во Тетово 13 литри на квадратен метар.
Во Скопје-Петровец и Прилеп се измерени по 11 литри, во Скопје-Зајчев Рид, Штип и Тополчани по 10, во Лазарополе девет, а најмалку врнежи имало во Кавадарци, каде што се регистрирани два литра на квадратен метар.
Снежните врнежи формираа снежна покривка и во повеќе градови низ Македонија.
Најмногу снег утрово има во Маврови Анови, 28 сантиметри, по што следува Крушево со 27 сантиметри. На Попова Шапка се измерени 18 сантиметри снег, во Лазарополе 15, во Тетово 10, во Куманово девет и во Тополчани осум сантиметри.
Во Берово и Битола снежната покривка достигнала пет сантиметри, во Крива Паланка четири, додека во Скопје-Петровец е регистриран еден сантиметар снег.
Според прогнозата на УХМР, времето денеска ќе биде облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег. Во пониските места, особено долж Повардарието, се очекуваат мешани врнежи од дожд и снег.
Кон крајот на денот врнежите постепено ќе престануваат. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува.
Максималните дневни температури ќе се движат од минус еден до пет степени.
Во Скопје ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од снег, кои се очекува да престанат во попладневните часови. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој во одредени делови од котлината повремено ќе засилува, а максималната дневна температура ќе достигне два степена.
