Македонскиот репрезентативец Матеј Гаштаров постигна прекрасен погодок за Црвена звезда на гостувањето кај белгиски Гент во рамките на четвртото коло од Лигата на конференции, носејќи израмнување за белградскиот тим во 85. минута од натпреварот.
Црвена звезда во Белгија пристигна со серија од осум натпревари без пораз во сите конкуренции, но со неубедливи настапи на европската сцена. Српскиот претставник во првото коло загуби од Лугано, потоа ремизираше со Копенхаген, а во третото коло имаше многу проблеми против Интер Ескалдес.
Проблемите на „црвено-белите“ продолжија и на гостувањето кај Гент. Иако гостите имаа иницијатива во воведниот дел од натпреварот, белгискиот состав постепено ја презеде контролата и почна да создава опасни ситуации пред противничкиот гол.
Домаќините стигнаа до водство во 28. минута, кога Тијаго Араухо по одбиена топка од корнер со одличен удар од волеј од околу 17 метри го совлада голманот Матеуш.
Црвена звезда имаше добра можност за израмнување во 36. минута преку Костов, но домашниот голман Роф со одлична интервенција ја сочува предноста на белгискиот тим, кој на полувремето замина со водство од 1:0.
Во продолжението, тренерот Алберт Риера се обиде со неколку тактички промени да ја подобри играта на својот состав. Во 64. минута направи двојна замена, внесувајќи ги во игра Ристиќ и Букари на местата на Костов и Баџо.
Со овие промени, нова улога на теренот доби и македонскиот репрезентативец Матеј Гаштаров, кој натпреварот го започна на стоперската позиција, а потоа беше прекомандуван во средниот ред.
Токму промената на позицијата му овозможи на Македонецот поактивно да учествува во организацијата на нападите и да ги покаже своите офанзивни квалитети.
Наградата за добрата игра пристигна во 85. минута, кога Гаштаров со извонреден индивидуален продор се ослободи од тројца противнички фудбалери, сам си создаде простор за удар и со прекрасна завршница го совлада голманот на Гент за израмнување на 1:1.
Со овој погодок македонскиот репрезентативец го круниса својот одличен настап во второто полувреме, покажувајќи дека може да биде многу поопасен за противничките одбрани кога настапува во средниот ред, наместо на неприродната стоперска позиција.
