Кошаркарската репрезентација на Македонија претрпе неочекуван пораз од Кипар со 75:85 во рамките на групата Ф од претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година, со што значително си ги усложни шансите за освојување на првото место и пласман во квалификациите за континенталниот собир.
Избраниците на селекторот Берокал влегоа во натпреварот како фаворити, но таквата улога не успеаја да ја оправдаат на теренот. Кипарските кошаркари одиграа борбено и дисциплинирано, користејќи ги слабостите во играта на македонската репрезентација.
Македонија имаше сериозни проблеми во одбраната, особено при шутевите на противникот за три поени, но и во контролата на скокот под сопствениот кош. Кипраните забележаа 11 офанзивни скокови, со што добија дополнителни можности за поентирање.
Македонската репрезентација не успеа ниту максимално да го искористи потенцијалот на Мосес Рајт, кошаркарот кој беше прогласен за најкорисен играч во 13. и 14. коло од Евролигата.
На теренот се водеше голема борба од самиот почеток, но гостите клучната предност ја стекнаа на три и пол минути пред крајот на натпреварот, кога се одлепија на седум поени разлика.
И покрај обидите на Ненад Димитријевиќ да ја врати Македонија во игра за победа, Кипар успеа да ја задржи предноста и на крајот да слави со двоцифрена разлика.
Димитријевиќ беше убедливо најдобриот поединец во македонскиот состав со 30 поени, шест скока и шест асистенции. Единствен со двоцифрен број поени покрај него беше Стојан Ѓуроски, кој постигна 11 поени.
Мосес Рајт, на своето деби пред македонската публика, имаше скромен настап со три поени и шест скока.
Во победничкиот состав најрасположен беше Тигкас со 25 поени, Пашиалис постигна 11, додека Павлидис го заврши натпреварот со 10 поени.
Со овој пораз Македонија си ја отежна позицијата во претквалификациската група, а во преостанатите два натпревара од циклусот ќе мора да бара подобри резултати за да ги задржи шансите за првото место.
До крајот на претквалификацискиот циклус, македонските кошаркари ќе ја пречекаат Австрија на домашен терен, а потоа ќе му гостуваат на Кипар.
