Билатералните прашања не треба да се мешаат во процесот на пристапување кон Европската Унија, но факт е дека земјите членки понекогаш ги ставаат сопствените интереси на маса и затоа отворените билатерални прашања треба да се решаваат во духот на добрососедските односи, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА во Брисел.
Таа вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година, но, според неа, поддршката за членство во ЕУ во кое сè уште веруваат две третини од граѓаните ѝ дава легитимитет на Владата да го продолжи европскиот пат и истовремено, како што рече, ја обврзува да ги исполни нивните очекувања.
Кос оцени дека напредокот на другите земји од Западен Балкан покажува дека сега е момент и Македонија да направи чекор напред и ја повика Владата, како што вели, да ја исполни преземената обврска за уставните измени, по што пристапниот процес ќе може да продолжи без дополнителна политичка одлука.
Еврокомесарката за проширување на ЕУ посочи дека земјава треба да продолжи со реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и со спроведувањето на обврските поврзани со функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
