Од 1 декември во Македонија започнува примената на нови правила за боледување, со кои периодот во кој матичниот лекар може да одобри отсуство без дополнителни дијагностички критериуми се намалува од седум на пет дена. Ова не значи дека работниците ќе мора да се вратат на
работа по петтиот ден, бидејќи матичните лекари и понатаму ќе имаат право да одобруваат боледување до 15 дена.
За продолжување на отсуството по петтиот ден ќе бидат потребни дополнителни медицински испитувања, лабораториски анализи или специјалистички преглед, зависно од дијагнозата и здравствената состојба на пациентот. Доколку боледувањето треба да трае подолго од 15 дена,
одлуката ќе ја носи надлежната лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, врз основа на доставената медицинска документација.
За боледувања подолги од 60 дена, по правило, ќе биде потребно конзилијарно мислење од тројца специјалисти, со предвидени исклучоци за пациенти со одредени тешки заболувања. Новиот правилник овозможува и отворање боледување без лично присуство за тешко болни, неподвижни и хоспитализирани пациенти, како и користење претходни медицински наоди кај хронично болните.
Дополнителна новина е електронското доставување на предлозите за продолжување на боледувањето по 15-тиот ден, со што треба да се намалат административните процедури и непотребното одење од една до друга здравствена институција. Од Фондот нагласуваат дека измените не го скратуваат правото на боледување, туку воведуваат појасни медицински критериуми за негово одобрување и продолжување.
