Грција денеска ќе биде зафатена од 24-часовен национален штрајк, кој се очекува да предизвика нарушувања во функционирањето на јавните услуги, како и во морскиот, воздушниот и копнениот сообраќај низ земјата.
Протестни собири и демонстрации се најавени во повеќе поголеми грчки градови, меѓу кои Атина, Солун, Патрас, Лариса, Волос, Пиреја, Ираклион и Ханија.
Поради најавените протести, можно е привремено затворање на улици и булевари, блокирање на сообраќајниците и отежнато движење на возилата, особено во централните градски подрачја.
Во грчката престолнина метрото и трамваите ќе сообраќаат со ограничено работно време, од 9 до 18 часот, главно за да се овозможи превоз на учесниците на протестните собири.
Промени се очекуваат и во распоредот на автобускиот и тролејбускиот превоз, додека во воздушниот сообраќај се можни доцнења на летовите.
Најголеми ограничувања се најавени во морскиот сообраќај. Фериботите низ цела Грција нема да сообраќаат во периодот од 00:01 до 23:59 часот на 25 ноември 2026 година.
На македонските граѓани кои денеска планираат да патуваат во Грција им се препорачува навремено да се информираат за состојбата во сообраќајот, евентуалните блокади и измените во распоредот на јавниот превоз.
Особено внимание треба да посветат патниците кои имаат резервирани авионски билети или планираат да користат бродски превоз, поради можните нарушувања во редовниот распоред.
