Земјотрес со магнитуда од 4,6 степени според Рихтеровата скала попладнево го погоди западниот дел на Турција, по што во истиот регион беа регистрирани уште неколку послаби потреси, објави 4news.mk, повикувајќи се на сеизмолошките податоци.
Земјотресот бил регистриран во 16:39 часот по македонско време, на длабочина од 10 километри.
Во период од само 14 минути по првиот земјотрес, во истиот регион биле регистрирани уште пет потреси со магнитуда од 2 до 2,8 степени според Рихтеровата скала.
Сеизмичка активност попладнево е забележана и во соседството на Македонија. Земјотрес со магнитуда од 3,5 степени бил регистриран во Грција, додека во Албанија бил забележан послаб потрес со јачина од 2,1 степен.
Засега нема информации за евентуални повредени лица или материјална штета предизвикана од земјотресите.
