Поранешниот командант на силите на Армијата на Босна и Херцеговина во областа на Сребреница, Насер Ориќ, денеска е уапсен во областа Олово, во рамките на голема полициска акција што се спроведува на повеќе локации во Босна и Херцеговина, јавуваат тамошните медиуми.
Во истата операција, во Источно Сараево, е уапсена и поранешната пратеничка Николина Шљивиќ.
Акцијата ја спроведуваат припадници на Агенцијата за истраги и заштита на Босна и Херцеговина (СИПА) и Министерството за внатрешни работи на Република Српска, со поддршка од други полициски агенции.
Според медиумските информации, операцијата е насочена кон лица осомничени дека помагале во криењето на Ѓорѓе Ждрала, кој е во бегство од 2 август, кога, според сомневањата на истражните органи, се обидел да го убие Коста Пандуревиќ во Источно Сараево.
Целта на полициската акција е прибирање докази и приведување лица за кои постојат сомневања дека се поврзани со бегалецот.
Педесет и деветгодишниот Насер Ориќ, пред почетокот на војната во Босна и Херцеговина, служел во Југословенската народна армија, завршил полициски курс во Земун и работел во полицијата во Белград. Бил ангажиран и во специјалните единици на српското Министерство за внатрешни работи во Косово.
Во текот на својата полициска кариера бил дел од тимот задолжен за обезбедување на Слободан Милошевиќ, но во повеќе наврати ги демантирал тврдењата дека бил негов личен телохранител.
По почетокот на војната во Босна и Херцеговина, Ориќ презел командни функции, а во ноември 1992 година бил назначен за командант на Обединетите вооружени сили на подрегионот Сребреница. Сребреница ја напуштил во мај 1995 година.
Во март 2003 година против него беше покренато обвинение пред Хашкиот трибунал за убиства, суров третман и уништување населени места.
Трибуналот во 2006 година го осуди на две години затвор за неспречување убиства и суров третман на српски затвореници. Бидејќи претходно поминал повеќе од три години во притвор, беше пуштен на слобода.
Во 2008 година Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја поништи првостепената пресуда и го ослободи Ориќ од сите обвиненија.
Во изминатите години неговото име повеќепати се појавуваше во регионалните медиуми поради јавните полемики со Милорад Додик и Александар Вучиќ.
Особено внимание привлече конфликтот со Додик по откажувањето на концертот на српскиот пејач Аце Лукас на Јахорина, откако во јавноста се појавија фотографии и видеоснимки од пејачот во друштво на Ориќ.
Деталите за конкретната улога на Ориќ во случајот поради кој е уапсен засега не се наведени во доставените информации.
