Продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, како и унапредувањето на соработката во областа на безбедноста, беа главните теми на средбата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со новоименуваната британска амбасадорка Маја Сивагнанам.
Во фокусот на разговорите биле можностите за зајакнување на полициската соработка, особено во борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција, сајбер-криминалот и недозволените финансиски текови, како и унапредувањето на граничната безбедност.
На средбата посебно внимание било посветено на активностите на Заедничката работна група за миграција, размената на информации и искуства, зајакнувањето на оперативните капацитети на македонската полиција и продлабочувањето на регионалната соработка.
Министерот Тошковски изразил благодарност за поддршката што Обединетото Кралство ја обезбедува преку експертска и техничка помош, специјализирани обуки и реализација на заеднички проекти.
Во текот на разговорите било нагласено значењето на Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство, кој претставува основа за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на безбедноста и поефикасно справување со современите безбедносни предизвици.
