Студено утро со температури под нулата, сончеви периоди во текот на денот, а од утре нова промена на временските услови со дожд и снег, најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Времето денеска во Македонија ќе биде сончево и постудено, со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој наместа долж Повардарието повремено ќе засилува.
Минималните утрински температури ќе се движат од минус 5 до 2 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево и постудено време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се спушти до минус 3 степени, додека дневната ќе достигне до 8 степени.
Според прогнозата на УХМР, и утре утрото ќе биде ведро и студено на целата територија на Македонија, со негативни утрински температури.
Во текот на денот облачноста постепено ќе се зголемува, а кон крајот на денот ќе започне период на претежно облачно време, проследено со повремени врнежи од дожд.
Позначителни количества дожд се очекуваат во четврток, особено во западните делови од земјата, каде што локално се прогнозираат околу 30 литри дожд на квадратен метар.
Во петок пообилните врнежи ќе се концентрираат во јужните и источните делови на Македонија, каде што се очекуваат над 20 литри дожд на квадратен метар.
Во деновите од претстојниот викенд се очекува ново намалување на температурите, поради што врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Со најавеното заладување и промената на временските услови, Македонија ја очекува период со изразени зимски карактеристики.
Граѓаните, особено оние кои планираат патувања кон крајот на работната недела и за време на викендот, треба редовно да ги следат најновите временски прогнози и информациите за состојбата на патиштата.
