Француската десничарска политичарка Марин Ле Пен се изјасни против членството на Украина во Европската Унија, оценувајќи дека иднината на земјата не треба да биде поврзана со приклучување кон европскиот блок.
Во интервју за индиската медиумска платформа „Индија глобал ривју“, Ле Пен порача дека не го поддржува приемот на Украина во ЕУ, независно од исходот на војната со Русија.
– Не мислам дека Украина треба да се приклучи на Европската Унија – изјави француската политичарка.
Ле Пен се осврна и на односите со Русија, рускиот претседател Владимир Путин и можностите за постигнување мировен договор со кој би се ставил крај на војната во Украина.
На прашањето дали го смета Путин за воен злосторник, таа одби да употреби таква квалификација, посочувајќи дека острите обвинувања не придонесуваат за воспоставување мир.
Според Ле Пен, таквата реторика дополнително ги отежнува дипломатските напори и го намалува просторот за преговори меѓу завојуваните страни.
Сепак, француската политичарка нагласи дека одговорноста за започнувањето на војната е на Русија, а Украина ја посочи како жртва на руската агресија.
Со ваквите изјави, Ле Пен повторно го истакна своето противење на европската интеграција на Украина, истовремено залагајќи се за дипломатско решение на воениот конфликт.
