Дебарската полиција поднесе кривична пријава против директорот на Шумското стопанство „Стогово“ во Дебар и уште пет лица поради сомнение за злоупотреби поврзани со сеча и транспорт на огревни дрва.
Одделението за внатрешни работи Дебар ги сомничи М.П. (57) од Вевчани, директор на подружницата на ЈП „Национални шуми“, О.Ј. (64) и М.Л. (59) од селото Џепиште, вработени како референти за испорака, како и архиварката В.И. (47) од Дебар, за кривичните дела „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување службена исправа“ и „несовесно работење во службата“.
Со пријавата се опфатени и Б.Л. (35) и А.Л. (26), двајцата од Џепиште, кои се товарат за помагање при извршувањето на делата.
Според полициската истрага, незаконските дејствија започнале кога архиварката В.И. во службената евиденција внела невистинити податоци за лица кои наводно поднеле барања за добивање дозволи за сеча на дрва.
Потоа, според наводите на полицијата, директорот М.П. не извршил соодветен надзор над постапката, туку одобрил дозволи за сеча без да изврши проверка на транспортните испратници.
Референтите О.Ј. и М.Л., како што информираат од полицијата, изготвувале испратници за огревни дрва со невистинита содржина и ги заверувале со свои потписи.
Б.Л. и А.Л., според пријавата, им помагале на вработените во претпријатието, при што со сопствени товарни возила ја превезувале дрвната маса и придонеле во прикривање на незаконските дејствија.
