Во канцеларијата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во центарот на Скопје било пронајдено писмо со заканувачка содржина, по што случајот бил пријавен во полиција.
Според досегашните информации, писмото било откриено на 18 ноември од вработени во претседателската канцеларија на улицата „Димитрија Чуповски“. Настанот бил пријавен во СВР Скопје околу 9:50 часот.
Засега не се соопштуваат детали за содржината на писмото, ниту е познато кому точно биле упатени заканите.
Министерството за внатрешни работи потврди дека во врска со случајот е приведен 46-годишен маж со иницијали В.К. Лицето било идентификувано и пронајдено набргу по пријавата, а во истрагата биле користени и снимки од видео-надзор.
Од МВР информираат дека по целосното расчистување на случајот ќе следува соодветна кривична пријава против приведениот. Засега нема официјални информации за правната квалификација на делото за кое ќе се товари.
Истрагата треба да ги утврди сите околности околу испратеното писмо, мотивите и начинот на кој тоа било доставено до претседателската канцеларија.
