На граничниот премин Ќафасан од денеска започнува примената на интегрираниот граничен систем „One Stop Shop“, со кој се воведува едношалтерска гранична контрола меѓу Македонија и Албанија.
Новиот систем овозможува патниците, возилата и стоката да поминуваат низ заедничка гранична проверка на едно место, наместо да запираат двапати – еднаш на излезната, а потоа и на влезната страна од границата.
Целта на оваа мерка е побрзо и поефикасно одвивање на сообраќајот, намалување на времето на чекање и олеснување на движењето, особено во периоди кога има зголемена фреквенција на патници и транспорт.
Моделот „One Stop Shop“ веќе функционира на граничниот премин Табановце – Прешево со Србија, каде што заедничките контроли се спроведуваат како дел од напорите за поедноставување на граничните процедури.
На официјалното пуштање во употреба на новиот систем на Ќафасан ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Албанија, Еди Рама.
