Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, реагираше на најавените амандмани на СДСМ за Буџетот за 2027 година, обвинувајќи ја опозициската партија дека предлага средства за проекти и мерки кои, според него, веќе се реализираат или се планирани од актуелната влада.
Стојаноски оцени дека поднесувањето на 225 амандмани од страна на СДСМ претставува „политичка трагикомедија“, бидејќи, како што вели, најголемиот дел од нив се однесуваат на области за кои Владата на ВМРО-ДПМНЕ веќе презела активности.
„Од вкупно 225 амандмани, дури 161 се однесуваат на општините. Но, без исклучок, она што го бараат или веќе е зголемено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ или е започната реализација“, напиша Стојаноски во објава на социјалните мрежи.
Тој упати критика до СДСМ, прашувајќи зошто овие прашања не биле решени во периодот кога партијата била на власт.
Според Стојаноски, во периодот од 2018 до 2024 година, за време на седумте буџети подготвени од претходната власт, биле реализирани расходи од околу 30 милијарди евра, но, како што тврди, дел од проблемите што денес се посочуваат останале нерешени.
Тој посочи дека во актуелната пратеничка група на СДСМ има поранешни премиери, министри, вицепремиери и претседател на Собранието, кои, според него, директно учествувале во креирањето на политиките и буџетите во изминатите години.
„Секој амандман што носи вистинска корист за граѓаните заслужува сериозна расправа. Но, и седумте години владеење заслужуваат сериозна отчетност“, порача Стојаноски.
Од СДСМ претходно соопштија дека со амандманите бараат дополнителни средства за мерки поврзани со граѓаните, меѓу кои повисок студентски оброк и зголемување на стипендиите.
