СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за политичка одговорност поради, како што тврдат од партијата, пропусти во превенцијата, недоволно постапување на полицијата и неуспешна заштита на жртвите на насилство.
Барањето го изнесе членката на Извршниот одбор на СДСМ, Наташа Поповиќ, на прес-конференција, каде оцени дека институционалните слабости и неказнивоста создаваат состојба во која насилниците се чувствуваат охрабрени, а жртвите остануваат без навремена заштита.
„Одговорноста мора да почне од врвот, од министерот Панче Тошковски“, порача Поповиќ, барајќи поголема одговорност од надлежните институции.
Таа потсети на повеќе случаи на убиства и насилство врз жени, меѓу кои ги наведе случаите со Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, Ивана и нејзината ќерка од Скопје, како и убиствата на пет жени во Старо Нагоричане.
Според неа, во дел од овие случаи претходно имало пријави и барања за помош, но институциите не реагирале соодветно и не обезбедиле навремена заштита.
Поповиќ се осврна и на случајот со нападот врз Сара од Охрид, оценувајќи дека реакциите на граѓаните, опозициската партија и невладините организации биле клучни за случајот да добие поголемо внимание.
Таа ја критикуваше и постапката поврзана со убиството на Росица во Велес, тврдејќи дека одговорноста била насочена само кон полициски службеници, додека повисоките структури во системот останале без последици.
Од СДСМ обвинија дека министерот Тошковски ужива политичка поддршка од премиерот Христијан Мицкоски и порачаа дека е потребен прекин на, како што велат, долгогодишната неказнивост и поефикасно функционирање на институциите.
