Просечната потрошувачка кошничка во октомври достигнала 59.149 денари, што е зголемување од 942 денари во однос на септември, односно раст од 1,6 отсто, информираше министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
На брифинг со медиумите, Дурмиши посочи дека најголемото зголемување на трошоците е забележано кај храната и пијалаците, особено кај овошјето и зеленчукот. Дополнителен раст има и кај трошоците за домување, облека и обувки, рекреација, култура, електрична енергија, гас и други горива.
Министерот информираше дека цените секојдневно се следат преку Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а институциите, како што рече, засега не гледаат потреба од нови интервенции на пазарот.
„Засега цените се во рамки на релативна пазарна стабилност. Нашата цел е да интервенираме само ако има потреба и економска оправданост. Кога ќе бидеме известени од ДПИ дека има девијантно однесување кај трговците, тогаш ќе постапиме“, изјави Дурмиши.
Осврнувајќи се на инфлацијата, министерот посочи дека месечната инфлација во октомври изнесувала 0,4 отсто, додека годишната стапка била 3,3 проценти.
Според него, економските показатели внимателно се анализираат, а Македонија, како што нагласи, има пониска инфлација во споредба со дел од земјите во еврозоната.
„Во еврозоната инфлацијата е четири отсто. Ние сме најдобри. Сепак, инфлацијата кај нас треба да биде под три отсто и ќе го достигнеме тоа до крајот на годината“, рече Дурмиши.
Министерот се осврна и на прашањето за минималната плата, посочувајќи дека Владата работи на нејзино зголемување.
