Историското излегување на компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“ на берзата предизвика вистински земјотрес во технолошкиот свет. Само со иницијалната јавна понуда (IPO), вредноста на компанијата достигна околу 1,5 билиони долари, а нејзините основачи, инвеститори и стратешки партнери добија богатство што се мери во стотици милијарди долари.
Компанијата ја одреди цената на акциите на 83 долари, над првично планираниот распон од 70 до 78 долари, што веднаш ја вброи меѓу највредните технолошки компании во светот.
Најголемите добитници од берзанското деби се технолошките гиганти „Амазон“ и „Гугл“, кои со години инвестираат во развојот на „Антропик“ и нејзиниот модел за вештачка интелигенција Claude.
„Амазон“ во моментов поседува речиси 15 проценти од компанијата, удел што според берзанската вредност се проценува на околу 225 милијарди долари. Дел од инвестицијата е реализирана преку конвертибилни записи, а доколку тие се претворат во акции, уделот би можел да достигне 23,8 проценти. Сепак, компанијата засега останува на сегашното сопственичко учество.
Веднаш зад неа е „Гугл“, кој има околу 13,7 проценти од акциите на „Антропик“, со проценета вредност од приближно 200 милијарди долари. Воедно, компанијата се согласи преку приватен пласман да купи дополнителни акции во вредност од околу 10 милијарди долари.
Огромен профит остваруваат и седумтемина соосновачи на „Антропик“ – Дарио Амодеи, Даниела Амодеи, Том Браун, Сем Мекендлиш, Кристофер Ола, Џаред Каплан и Џек Кларк. По продажбата на дел од акциите во рамките на јавната понуда, тие задржаа околу 1,67 милијарди акции, а секој од нив поседува удел вреден околу 20 милијарди долари.
Иако нивното богатство на хартија е огромно, акциите засега не можат веднаш да се продаваат поради договорените ограничувања. Дополнително, секој од основачите најавил дека ќе донира 80 проценти од својот личен удел во добротворни цели.
Меѓу најголемите победници се и инвестициските фондови кои навреме ја препознаа вредноста на компанијата. Lightspeed Venture Partners, кој поседува нешто помалку од два проценти од „Антропик“, сега има удел вреден речиси 30 милијарди долари, иако првично вложил околу 3,5 милијарди.
Сличен успех бележи и Menlo Ventures, кој инвестираше кога компанијата беше проценета на околу 18 милијарди долари. Денес неговиот удел исто така вреди речиси 30 милијарди долари.
Фондот Iconiq и државниот инвестициски фонд на Сингапур – GIC – исто така остваруваат огромни добивки. Iconiq поседува удел вреден околу 30 милијарди долари, додека GIC, со речиси еден процент сопственост, има акции вредни околу 15 милијарди долари.
Меѓу големите добитници се и Coatue, Sound Ventures, Bessemer и Spark, како и познатите инвестициски куќи Altimeter, Dragoneer, Sequoia Capital, Greenoaks, Salesforce Ventures, Mubadala, Founders Fund и Factorial Funds.
Нови вложувања најавија и водечките компании од секторот за полупроводници и облачни технологии. „Енвидија“, исто како и „Гугл“, ќе инвестира околу 10 милијарди долари преку приватен пласман. Дополнително, AMD ќе вложи 2,5 милијарди долари, Broadcom, Micron и Microsoft по една милијарда долари, а TSMC уште 500 милиони долари.
Вкупно, седум големи технолошки компании договориле дополнителни инвестиции во вредност од 26 милијарди долари, што дополнително ја зацврстува позицијата на „Антропик“ како една од највредните и највлијателните компании во глобалната индустрија за вештачка интелигенција.
