Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат презентирани мерките и активностите за надминување на проблемот со неконтролираното движење на кравите на територијата на Општина Крива Паланка.
Прес-конференцијата ќе се одржи во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со почеток во 11:15 часот.
Покрај министерот Серафимовски, на настанот ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Јовица Андовски, како и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Се очекува јавноста да биде информирана за договорените чекори и институционалните мерки што ќе се преземат за трајно решавање на проблемот, кој во изминатиот период предизвика загриженост кај граѓаните поради безбедносните ризици и материјалните штети што ги предизвикува неконтролираното движење на крупниот добиток.
Најавената прес-конференција следува по серијата координации меѓу надлежните институции, на кои се разговараше за заеднички пристап и конкретни активности за справување со овој долгогодишен проблем.
