По дождливиот почеток на денот, времето денеска постепено ќе се стабилизира и ќе преовладува сончево време, но со силен западен ветер, кој во делови од земјава ќе достигнува брзина поголема од 80 километри на час. Метеоролозите најавуваат дека од почетокот на следната седмица следува значителна промена, со пад на температурите и можни утрински минуси.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утринските часови ќе бидат проследени со повремени врнежи од дожд, по што облачноста ќе се намалува и времето ќе стане претежно сончево.
Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец. Најсилни удари се очекуваат во западните делови на државата, каде брзината на ветерот локално ќе надминува 80 километри на час.
Утринските температури ќе се движат од 7 до 14 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 11 до 22 степени Целзиусови.
Во Скопје, утрото ќе биде променливо со услови за повремен дожд, а во текот на денот се очекува разведрување и претежно сончево време. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Метеоролозите најавуваат дека за време на викендот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд во повеќе делови од земјата.
Веќе од понеделник, под влијание на студен воздушен бран, ќе започне постепено опаѓање на температурите. Според прогнозите, до средината на следната работна седмица во одредени региони утринските температури ќе се спуштат и под нулата, што ќе донесе значително постудено време во однос на изминатиот период.
Надлежните препорачуваат граѓаните да бидат внимателни поради силниот ветер, особено при движење во близина на дрвја, рекламни паноа и други објекти што би можеле да бидат зафатени од силните налети на ветерот.
