Трагичен настан денеска го потресе Солун, откако 21-годишен маж почина по пад од Белата кула, едно од најпознатите историски обележја и симболи на грчкиот град.
Според информациите на грчките медиуми, инцидентот се случил околу 11:35 часот, кога младиот маж паднал од кулата која се наоѓа на централното градско крајбрежје. На местото веднаш пристигнале полициски екипи и медицински тимови, кои започнале со укажување помош.
Повредениот бил пренесен во Универзитетската болница АХЕПА во Солун, каде лекарите се обиделе да го спасат неговиот живот. И покрај медицинските напори, тој подоцна им подлегнал на повредите.
Според првичните информации, кога пристигнале медицинските екипи, мажот бил свесен, но имал сериозни повреди здобиени од падот.
Засега не се познати сите околности што довеле до трагедијата. Надлежните служби вршат проверки и работат на утврдување на деталите за случајот.
Белата кула е едно од најпрепознатливите места во Солун и претставува симбол на градот. Објектот се наоѓа покрај Егејското Море, на градскиот кеј, а висока е 33,9 метри.
Кулата била изградена во 16 век, во времето на Османлиското Царство, за време на владеењето на султанот Сулејман Величествениот, на местото каде претходно постоела византиска градска кула.
Низ историјата, објектот имал различни намени – од одбранбена тврдина до затвор. Во нејзините ѕидини во минатото биле затворани и македонски револуционери и борци, поради што во одреден период била позната и како „Крвава кула“.
Денес Белата кула е музеј и една од најпосетуваните туристички атракции во Солун, но трагичниот настан повторно го стави објектот во центарот на вниманието.
