Кристијан Корабоски (31) од Охрид, осомничен во случајот со нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиевска, повторно е лишен од слобода, потврдија од СВР Охрид.
Од полицијата информираат дека повторното приведување следува по појавата на нови околности во истрагата, но засега не откриваат дополнителни детали за нивната содржина.
Во моментов не е познато дали Основното јавно обвинителство ќе побара определување мерка притвор или ќе предложи други мерки против осомничениот.
Корабоски претходно беше осомничен за кривично дело „тешка телесна повреда“, а судот му изрече мерки на претпазливост. Меѓу нив беа забрана да ѝ се приближува на Сара Ѓорѓиевска на растојание помало од 50 метри, како и привремено одземање на патната исправа.
Во текот на денешниот ден, државниот јавен обвинител Ненад Савески изјави дека конечната правна квалификација на делото ќе биде утврдена по целосното разгледување на сите докази и околности поврзани со случајот.
Случајот предизвика голем интерес во јавноста, а истрагата продолжува за целосно утврдување на сите факти и евентуалната кривична одговорност.
