Основниот суд Битола денеска му изрече двегодишна затворска казна на поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, за незаконитости поврзани со тендерот за ископ на јаловина со фирмата „Рудкоп“ Битола, во периодот 2022-2023 година.
Предметот се однесува на јавната набавка вредна над 11 милиони евра, во која РЕК „Битола“ ја избрала понудата на „Рудкоп“, додека била елиминирана компанијата „Гранит“ Скопје.
Судот, со кој претседаваше судијата Горан Димовски, оцени дека Матевски, заедно со уште неколку обвинети, сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Покрај Матевски, условни казни добија Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски, членови на Стручната комисија. Ним им е утврдена казна затвор од една година, која нема да се изврши доколку во рок од две години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Судот ги ослободи од обвинение Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки, со образложение дека обвинителството не успеало да докаже дека го сториле делото што им се става на товар.
Условни пресуди добија и Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје. За нив е изречена казна затвор од осум месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една и пол година не сторат ново кривично дело.
Според обвинението, со постапката за јавната набавка била прибавена корист за „Рудкоп“ Битола, а на РЕК „Битола“ ѝ била нанесена штета од 178.370.319 денари, односно околу 2,9 милиони евра.
Судот одлучи оштетеното правно лице АД ЕСМ своето имотно-правно побарување да го оствари во граѓанска постапка.
Воедно, останува во сила мерката за замрзнување на 3,5 милиони евра на сметките на фирмата „Рудкоп“ Битола, сопственост на бизнисменот Кирил Билјановски. Мерката ќе трае до правосилно завршување на кривичната постапка или до евентуални измени од страна на судот.
