Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински, оствари работна средба со новоизбраниот претседател на Лекарската комора, Никола Јанкуловски, на која биле разгледани можностите за унапредување на соработката и тековните преговори за склучување договори со приватните здравствени установи за 2027 година.
Од ФЗО информираат дека од јануари 2027 година, со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), ќе започне со работа заедничка работна група која ќе ја анализира постојната здравствена регулатива и ќе предложи конкретни решенија за нејзино подобрување.
Како клучни приоритети се издвоени поедноставување на административните процедури, намалување на непотребните обврски за лекарите, зголемување на ефикасноста во здравствениот систем и подобрување на условите за работа, како и обезбедување поквалитетни и подостапни здравствени услуги за граѓаните.
„Нашата цел е преку заеднички решенија да ја олесниме работата на лекарите и да обезбедиме подобри здравствени услуги. Осигурениците мора да бидат во центарот на секое решение што го носиме“, изјави директорот на ФЗО, Златко Перински.
Од Фондот оценуваат дека соработката со Лекарската комора ќе придонесе за поефикасен здравствен систем и подобри услови и за медицинскиот кадар и за пациентите.
