Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе одржи надзорна расправа на која ќе се разгледуваат причините за воведувањето привремена администрација во „АЛТА банка“ АД Битола, постапувањето на Народната банка и одговорноста на надлежните институции.
На седницата се поканети претставници на Владата, органите на државната управа, како и други лица кои можат да дадат информации поврзани со состојбата во банката.
Предмет на расправата ќе бидат околностите што довеле до одлуката за воведување администрација, улогата на Народната банка во целиот процес, како и чекорите преземени за заштита на клиентите, штедачите и финансискиот систем.
Во „АЛТА банка“ АД Битола од 1 ноември е воведена привремена администрација, откако на нејзиниот доминантен акционер, „АЛТА банка“ АД Белград, српскиот надлежен супервизорски орган ѝ ја одзеде дозволата за работа и донесе одлука за исполнување услови за поведување стечајна постапка.
Од Народната банка објаснија дека целта на мерката е битолската банка да продолжи со работа, а средствата и интересите на штедачите и останатите доверители да бидат заштитени до решавање на сопственичката состојба.
Привремената администрација е предвидено да трае три месеци. За администратори се назначени Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска од Народната банка, кои ги презедоа надлежностите на Управниот и Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, освен одлуките поврзани со зголемување на капиталот.
Администраторите имаат рок од 21 ден да ја анализираат состојбата во банката и да достават извештај до Извршниот одбор на Народната банка.
Во меѓувреме, Народната банка информираше дека постепено се олеснуваат условите за користење на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола.
Клиентите со платежни картички можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство согласно неделен лимит од 15.000 денари, додека оние без платежни картички можат да располагаат со средства до 20.000 денари за период од две недели.
Од денеска започнува со работа и експозитурата на „АЛТА банка“ во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“, а продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово.
