Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Парискиот мировен форум порача дека Европа се соочува со период на големи промени и геополитички предизвици, при што стабилноста на континентот, според неа, е тесно поврзана со иднината на Западен Балкан.
На панел-дискусијата посветена на суверенитетот и хибридните закани, Сиљановска-Давкова истакна дека Македонија повеќе од две децении има кандидатски статус за членство во Европската Унија, како и голем број позитивни извештаи, но сè уште нема започнато преговори за членство.
Таа порача дека земјите од Западен Балкан не треба да се гледаат како периферија, туку како природен дел од европскиот простор, поради што процесот на интеграција, според неа, треба да биде побрз.
„Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“, истакна претседателката, нагласувајќи ја важноста на владеењето на правото, почитувањето на човековите права и демократските вредности.
Во своето обраќање таа се осврна и на младите, посочувајќи дека тие не треба да бидат гледани само како иднина на општеството, туку како активни учесници во процесите на донесување одлуки.
Во рамки на престојот во Париз, Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На разговорите биле разменети мислења за европската интеграција на Македонија и за можностите за продлабочување на билатералната соработка.
Двајцата соговорници се согласиле дека реформите и исполнувањето на Копенхашките критериуми треба да бидат главниот пат кон членство во ЕУ, а билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на проширување.
Сиљановска-Давкова посочи дека Македонија останува посветена на конструктивен дијалог со Бугарија, но дека за напредок во односите е потребна посветеност и добра волја од двете страни.
