Неколку силни експлозии одекнаа во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, откако Цивилната одбрана издаде предупредување за можна опасност и ги повика жителите да се упатат кон најблиските безбедни засолништа.
Според сведок за агенцијата „Ројтерс“, експлозиите се слушнале непосредно по објавувањето на предупредувањето, додека „Ал Џезира“ пренесе дека властите апелирале граѓаните да ги следат безбедносните насоки.
Во нападот е оштетена деловна кула во сопственост на саудискиот нафтен гигант „Арамко“, која се наоѓа во Финансискиот кварт „Крал Абдула“ во Ријад. Повеќе сведоци за агенцијата АФП изјавиле дека на зградата се искршени прозорци и се забележуваат оштетувања на неколку ката и дел од фасадата.
Инцидентот следува откако коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала два балистички проектила и две крстосувачки ракети истрелани од јеменските бунтовници Хути кон Ријад и јужниот дел на земјата.
Засега не е утврдено дали зградата на „Арамко“ била директно погодена или оштетувањата се последица од остатоци од пресретнат проектил. Еден од очевидците, сепак, изјавил дека објектот бил цел на нападот.
Ријад и претходно беше цел на ракетни и напади со беспилотни летала од страна на Хутите, движење од Јемен кое има поддршка од Иран.
Засилените напади врз Саудиска Арабија започнаа на 6 октомври, кога Хутите соопштија дека дејствуваат како одговор на саудиските воздушни напади и блокадата на аеродромот во Сана, со што практично заврши примирјето постигнато во 2022 година.
Според достапните информации, главни цели на нападите се меѓународните аеродроми и објектите од нафтената инфраструктура во Саудиска Арабија.
