Две лица загинаа, а неколкумина се повредени во тешка сообраќајна несреќа што утрово се случи на автопатот А3 во Хрватска, во правец кон Загреб.
Според информациите од хрватската полиција, несреќата се случила околу 7:25 часот, веднаш по клучката Иваниќ-Град, кога автобус со српски регистарски таблички се превртел на коловозот.
На местото на несреќата веднаш интервенирале екипи на итната медицинска помош, пожарникари и полиција, а за укажување помош на повредените бил ангажиран и медицински хеликоптер.
Повредените патници ќе бидат пренесени на лекување во болници во Загреб.
Поради несреќата, сообраќајот на автопатот се одвива отежнато и се пренасочува по левата сообраќајна лента.
Во тек е полициска истрага која треба да ги утврди причините и сите околности под кои дошло до превртувањето на автобусот.
