Два патнички авиони утрово беа опфатени со безбедносни мерки поради закани за поставени експлозивни направи. Станува збор за лет на „Рајанер“ од Рим до Лисабон и авион на „Визер“ кој летал од Прага кон Рим.
Авионот на „Рајанер“ безбедно слетал на аеродромот „Умберто Делгадо“ во Лисабон, откако анонимен телефонски повик за можна бомба бил упатен до контролната кула на аеродромот „Фјумичино“ во Рим. Португалската полиција добила дополнително предупредување за можна експлозивна направа во леталото, по што веднаш започнала детална проверка. Засега нема потврда дека е пронајден експлозив.
Во исто време, дојава за бомба била пријавена и на лет на „Визер“ од Прага кон Рим. Од безбедносни причини, авионот бил пренасочен и принудно слетал во Венеција, каде надлежните служби презеле соодветни проверки.
Овие случаи доаѓаат само еден ден по серијата закани што предизвикаа нарушувања во европскиот авиосообраќај. Според информациите, вчера биле регистрирани дојави за бомби на најмалку 25 летови низ Европа.
Од Европската Унија соопштија дека во овој момент е прерано да се утврди дали сите закани се меѓусебно поврзани и дали станува збор за координирана акција.
