Пет лица ќе бидат опфатени со кривична пријава по големата полициска акција во Куманово, во која беше уапсен Драган Петровски, познат како Штука, информира директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Според Јанев, акцијата била спроведена во раните утрински часови од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со специјалните полициски единици.
При извршените претреси биле пронајдени поголема сума пари, како и документација поврзана со позајмување средства и сомненија за изнуда. Поради пронајдените материјали, истрагата била проширена и во нотарска канцеларија во Куманово.
Јанев информираше дека е известена и Народната банка, која врши контрола во менувачница поврзана со брат на еден од осомничените, со цел да се утврди потеклото на пронајдените пари.
По наредба на надлежниот јавен обвинител ќе бидат одземени и возила, мобилни телефони, документација и други предмети кои можат да бидат важни за понатамошната истрага.
Директорот на БЈБ посочи дека станува збор за организирана криминална група, чии активности, според досегашните сознанија и обезбедената документација, траеле од 2021 година до денес на подрачјето на Куманово.
Кривичната пријава ќе биде поднесена во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
