Премиерот Христијан Мицкоски побара институциите да реагираат на случаите на врсничко насилство меѓу малолетници во Тетово, особено на нападите кои се снимаат и се објавуваат на социјалните мрежи.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека за конкретните случаи информации треба да се побараат од Министерството за внатрешни работи, но нагласи дека одговорност треба да има и кај малолетните сторители и кај нивните родители.
„Прашањето ќе го поставите до МВР, ќе ви дадат одговор. Инаку, апсолутно треба да реагираат не само со малолетниците што напаѓаат, туку и со нивните родители и согласно закон треба да одговараат“, изјави Мицкоски.
Реакцијата на премиерот доаѓа по објавите и сведоштвата на родители од Тетово чии деца биле жртви на напади, а снимките од насилството биле споделувани преку платформите ТикТок и Инстаграм.
Родителите посочуваат дека дел од децата по нападите се соочуваат со страв и психолошки последици, а истовремено изразуваат незадоволство поради тоа што, според нив, дел од сторителите сè уште не се идентификувани и покрај пријавите.
Од СВР Тетово ги отфрлаат обвинувањата дека полицијата не постапува. Според нивните податоци, во текот на 2026 година биле евидентирани 12 случаи на нарушување на јавниот ред и мир и други инциденти меѓу малолетници од различни етнички заедници.
Од полицијата информираат дека пет случаи се целосно расчистени, а против родители или старатели биле поднесени прекршочни пријави. Од таму додаваат дека за секој пријавен случај бил известуван и Центарот за социјална работа, а разговорите со децата се спроведувале во присуство на родители и стручни лица.
