Полските власти ја зголемија безбедноста долж границата со Русија, откако минатата недела добиле предупредувања од военото разузнавање и од сојузничките служби за можни акти на саботажа, изјави шефот на полската полиција Марек Бороњ.
Според него, едно од сценаријата што се разгледуваат е обид вооружена група да ја премине границата, но властите засега не соопштуваат дополнителни детали за добиените информации.
Во седиштето на полската полиција во Варшава е формиран оперативен команден центар, а безбедносната операција се спроведува во Варминско-мазурското војводство долж границата со руската Калининградска област, како и во соседното Подлашко војводство, кое граничи со Литванија и Белорусија.
Во акцијата се ангажирани полициски сили од повеќе региони, антитерористички единици, припадници на армијата, граничната стража и разузнавачките служби.
„Полицијата ја обезбедува областа долж границата со Калининградската област поради можни настани што би можеле да доведат до акти на саботажа“, изјави Бороњ, додавајќи дека приоритет е заштитата на населението и критичната инфраструктура.
Паралелно со операцијата на терен, полската полиција им наредила на специјалните единици од 2 до 8 ноември да останат во своите бази и да бидат подготвени за итно распоредување доколку биде потребно.
Од полицијата соопштија дека службите се наоѓаат во состојба на зголемена готовност поради проценетите ризици од можни саботажи.
