Поразот од Струга ТЛ со 0:1 на домашен терен дополнително ги продлабочи проблемите на Вардар, кој по 12 одиграни кола сè повеќе заостанува во трката за самиот врв во Првата македонска фудбалска лига.
За „црвено-црните“ ова беше втор пораз по ред на домашен терен, откако претходно беа елиминирани од Тиквеш во Купот на Македонија. Новиот неуспех уште еднаш покажа дека актуелниот Вардар е далеку од формата потребна за борба за шампионската титула.
По ова коло, Струга ТЛ се зацврсти на втората позиција и има пет бода повеќе од Вардар, додека лидер останува Шкендија со предност од шест бода пред стружани. Дополнителен удар за скопскиот клуб е фактот што повеќе не е ниту на третото место, кое сега му припаѓа на Тиквеш.
Доколку во наредниот период не дојде до значително подобрување на резултатите, Вардар би можел сериозно да ја доведе во прашање и борбата за место што води во европските натпреварувања следната сезона.
По 12 кола, зад водечките екипи следуваат Силекс со 17 бодови, Шкендија (А) со 15 и Брегалница со 13. На дното на табелата се Арсими и Башкими со по 10 бодови, додека Скопје останува последен со само три освоени бода и сè уште без победа.
