Вардар 1961 ја продолжи победничката серија во ракометната Суперлига, откако вечерва во дербито од 9. коло славеше против Еурофарм Пелистер со убедливи 31:23 во СЦ „Јане Сандански“.
Во првиот сезонски дуел меѓу најголемите ривали, актуелниот шампион целосно ја оправда фаворитската улога и уште еднаш покажа дека се наоѓа во одлична форма. Избраниците на Иван Чупиќ го контролираа натпреварот од самиот почеток, наметнаа силно темпо и на полувремето заминаа со предност од 15:12.
Во второто полувреме „црвено-црните“ дополнително го засилија ритамот и со сигурна игра во нападот и цврста одбрана не му дозволија на битолскиот состав да се врати во мечот. Разликата постојано растеше, а Вардар на крајот заслужено славеше со осум голови разлика.
Со оваа победа Вардар останува со максимален учинок во шампионатот, запишувајќи девет победи на исто толку натпревари.
Најефикасен во победничкиот состав беше Леон Љевар со седум погодоци, додека кај Еурофарм Пелистер најпрецизен беше Филип Кузмановски со девет голови.
