Денеска се навршуваат две години од трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога при пад на бетонската настрешница загинаа 16 лица, меѓу кои и македонскиот државјанин Васко Саздовски.
Несреќата се случи на 1 ноември 2024 година во 11:52 часот. Тони бетон се урнаа врз луѓето кои се наоѓаа под настрешницата, а меѓу жртвите имаше и деца. Во несреќата загинаа Сара Фириќ (6), Валентина Фириќ (10), Ѓорѓе Фириќ (53), Милица Адамовиќ (6), Сања Ќириќ Арбутина (35), Милева Карановиќ (76), Немања Комар (17), Милош Милосављевиќ (21), Стефан Хрка (27), Анџела Руман (20), Горанка Раца (58), Ѓуро Швоња (77), Вукашин Раковиќ (69) и Васко Саздовски (46).
Подоцна, како последица на повредите, починаа и Ања Радоњиќ (24) на 17 ноември 2024 година и Вукашин Црнчевиќ (18) на 21 март 2025 година. Единствената преживеана од директно погодениот дел од настрешницата беше Теодора Мартинко, која се здоби со тешки повреди.
По повод годишнината, во Нови Сад денеска ќе се одржат повеќе комеморативни собири. Главниот собир е закажан во 11:52 часот, во моментот кога се случи трагедијата, а го организира студентското движење. Во Белград, во Храмот на Свети Сава, во 9 часот ќе се одржи помен што ќе го предводи патријархот на Српската православна црква, Порфирије.
И покрај тоа што поминаа две години од трагедијата, судскиот процес сè уште не е започнат. За случајот се водат три одделни постапки пред различни обвинителства.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад го води најголемиот предмет, во кој се опфатени 13 лица. Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ, неговата поранешна помошничка Анита Димоски, поранешните директори на „Инфраструктура на српските железници“ Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан, како и проектанти и други лица поврзани со реконструкцијата на станицата.
Подготвителното рочиште сè уште не е закажано, бидејќи предметните списи се наоѓаат во Врховниот суд на Србија, кој треба да одлучи по барањата за заштита на законитоста поднесени од одбраната на обвинетите.
Вториот предмет го води Вишото јавно обвинителство во Белград, каде обвинети се три лица – менаџер за развој во „Инфраструктура на железници на Србија“, претседателот и член на Комисијата за технички преглед на железничката станица.
Третата постапка е пред Обвинителството за организиран криминал и сè уште се наоѓа во истражна фаза. Таа опфаќа сомневања за финансиски неправилности поврзани со проектот за изградба на брзата пруга Нови Сад – Келебија, кој ја вклучуваше и реконструкцијата на железничката станица.
Во оваа постапка, покрај Весиќ, Димоски, Танасковиќ и Шурлан, опфатен е и поранешниот министер Томислав Момировиќ. Според обвинителството, постои сомневање дека со неправилности во проектот бил предизвикан буџетски ризик од 115 милиони долари.
Трагедијата во Нови Сад останува едно од најтешките прашања во Србија во последните години, а барањата за одговорност и побрзо процесирање на случајот продолжуваат и по две години од несреќата.
