Инцидент меѓу навивачи на МЗТ Скопје и Работнички се случил вечерва во близина на спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром, а случајот е потврден и од Министерството за внатрешни работи.
Според информациите, помала група припадници на навивачката група „Фемили“ нападнала навивачи на Работнички кои чекале да влезат во салата и да го следат натпреварот на својот тим против Скопје.
По пресметката, едно лице било приведено, додека едно лице било пренесено во болница за укажување медицинска помош.
Од полицијата информираат дека случајот бил пријавен во СВР Скопје на 31 октомври околу 18:55 часот, а се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Според првичните информации, пред физичкиот конфликт биле запалени пиротехнички средства, по што групата се приближила до навивачите на Работнички и дошло до пресметка.
Надлежните продолжуваат со работа на утврдување на сите околности поврзани со инцидентот.
