Македонската ракометна јавност денеска ќе биде насочена кон СЦ „Јане Сандански“, каде што од 17:45 часот ќе се одигра првото сезонско дерби меѓу Вардар и Пелистер. Домаќин на натпреварот е актуелниот шампион, а билетите за спектаклот се целосно распродадени.
Во пресрет на големото дерби, вниманието не е насочено само кон случувањата на теренот, туку и кон атмосферата што ја создаваат навивачките групи „Комити“ и „Чкембари“, кои изминатите денови разменија пораки преку социјалните мрежи.
Ноќта пред натпреварот, навивачи на Вардар се собраа пред хотелот во кој е сместена екипата на Пелистер. Со огномет, пиротехника и навивачки песни се обидоа да им го нарушат мирот и одморот на ракометарите пред важниот натпревар.
Ваквата сцена потсетува на случувањата од минатата сезона, кога пред дербито во Битола, навивачи на Пелистер организираа слична акција пред хотелот во кој престојуваше тимот на Вардар.
Останува да се види дали ноќните случувања ќе имаат какво било влијание врз случувањата на теренот, каде што двата најголеми македонски ривали ќе ја отворат новата сезона со уште едно дерби кое традиционално привлекува огромно внимание.
