Дводневниот самит меѓу Европската Унија и Канада започнува денеска во Монтреал, каде што ќе се разговара за натамошно продлабочување на политичката и економската соработка меѓу двете страни.
Европската Унија на самитот ќе ја претставуваат претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според најавите од Брисел, средбата треба да претставува значајна пресвртница во односите меѓу Европската Унија и Канада, отворајќи можности за уште потесно и подлабоко партнерство.
Во центарот на разговорите ќе биде иницијативата „Алијанса за иднината“, чија цел е зајакнување на заедничкиот просперитет, економската безбедност и стратешката соработка меѓу партнерите.
Од Европската Унија очекуваат самитот да резултира со нови конкретни иницијативи за продлабочување на економските односи, зајакнување на врските меѓу граѓаните и координиран настап на меѓународната сцена.
По завршувањето на дводневните разговори, предвидено е лидерите да усвојат заедничка декларација со која ќе ги потврдат идните насоки на соработката.
