Најмалку 68 лица загинаа, а 80 се повредени во тешката железничка несреќа што се случи јужно од Мадрид, кога се судрија два брзи воза. Несреќата предизвика силни реакции во јавноста, а стотици граѓани излегоа на протест во шпанската престолнина барајќи политичка одговорност.
За време на протестот во Мадрид дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Дел од насобраните фрлаа шишиња и пиротехнички средства кон полициските сили, кои одговорија со употреба на солзавец.
Според официјалните информации, брз воз на компанијата „Ренфе“ се судрил со запрен воз на операторот „Ирјо“. Во несреќата биле повредени 80 лица, од кои 15 се во критична состојба.
Бројот на загинати го потврди претседателот на регионалната влада на Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Паж. Станува збор за најсмртоносната железничка несреќа во Европа од 2013 година.
Според регионалните власти, во возот „Ирјо“ патувале 147 патници, додека во возот „Ренфе“ имало 397 патници. Судирот се случил околу 9 часот наутро, при што два вагона од возот „Ирјо“ биле исфрлени од шините, а најмалку три вагони се превртеле по насип покрај пругата.
Министерот за транспорт Оскар Пуенте изјави дека сигнализацијата покажувала црвено светло поради дефект во компјутерскиот систем за комуникација, што автоматски го запрело железничкиот сообраќај. Според него, подоцна била донесена погрешна одлука возот на „Ренфе“ повторно да тргне.
Од компанијата „Ренфе“ соопштија дека нивниот воз се движел според добиените инструкции и дека удрил во возот на „Ирјо“, кој бил запрен од, како што наведуваат, засега непознати причини. Точните околности за несреќата ќе бидат утврдени со официјалната истрага.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека целата земја е во жалост и најави темелна истрага за трагедијата.
„Доколку треба дополнително да ја зајакнеме безбедноста за да ја вратиме довербата во системот на брзи возови, тоа ќе го направиме. За Шпанија е неприфатливо да има две вакви несреќи во иста година“, порача Санчез.
Поради трагедијата, опозициската Народна партија ги откажа сите планирани изборни активности за денот.
