Четириесет и четиригодишен македонски државјанин е приведен во Франција откако во камион биле пронајдени 68 килограми кокаин, информира Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, акцијата е реализирана врз основа на оперативни информации обезбедени од Единицата за недозволена трговија со дрога, кои преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле доставени до надлежните француски служби.
Од Министерството наведуваат дека станува збор за уште една успешна меѓународна полициска акција насочена кон сузбивање на организираниот криминал и нелегалната трговија со наркотични средства.
Ова е втора поголема меѓународна акција во последниот период, откако претходно во соработка со грчката полиција беше реализирана заплена на 324 килограми марихуана.
Од МВР посочуваат дека продолжува соработката со меѓународните партнери во борбата против трговијата со дрога и криминалните мрежи кои дејствуваат преку границите.
