Секој што имал баба знае дека нејзината љубов има посебно место во животот. Домашните колачи кои секогаш се појавуваат во вистински момент, приказните пред спиење, грижата и неизбежното „ајде уште малку јади“ се дел од спомените што остануваат засекогаш.
Но, според научниците, зад оваа посебна врска стои и нешто што се случува во самиот мозок на бабите.
Во 2021 година, истражувачки тим од Универзитетот Емори во САД, предводен од антропологот Џејмс Рилинг, спровел истражување со магнетна резонанца на 50 баби. Додека биле снимани, учесничките гледале фотографии од своите внуци, непознати деца и од своите возрасни деца.
Резултатите покажале дека при гледање на фотографиите од внуците најсилно се активирале делови од мозокот поврзани со емоционалната емпатија – способноста човекот да ги чувствува емоциите на другите.
Тоа значи дека кога бабата гледа насмеано внуче, нејзиниот мозок реагира како да ја доживува неговата радост, а кога гледа тажно или расплакано дете, се активира чувството на загриженост и потреба да помогне.
Истовремено, биле активирани и делови од мозокот поврзани со движењето, што според истражувачите може да укажува на природната подготвеност за прегратка, грижа и заштита на детето.
Кај фотографиите од возрасните деца, реакцијата била поинаква. Тогаш повеќе се активирале деловите поврзани со когнитивната емпатија – односно разбирањето на мислите и намерите на другите, а помалку директното емоционално доживување.
Научниците одамна ја нагласуваат важноста на бабите и дедовците во развојот на децата, но истражувањата покажуваат дека и самите баби имаат корист од оваа врска. Едно германско истражување кое следело постари лица речиси две децении покажало дека оние кои повремено се грижеле за своите внуци имале подолг животен век во споредба со оние кои немале таков контакт.
Причината, според истражувачите, е поврзана со чувството дека се потребни, со редовната социјална активност и со емоционалната поврзаност.
Сепак, научниците нагласуваат дека станува збор за повремена грижа и дружење, а не за целосно преземање на обврските околу детето. Бабата не е замена за родител или градинка, туку дополнителен извор на љубов, сигурност и поддршка.
Можеби токму затоа храната кај баба секогаш има посебен вкус, а нејзината прегратка посебна топлина. Науката покажува дека зад таа љубов навистина постои силна биолошка врска која го поврзува срцето и мозокот на бабата со нејзините внуци.
