Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД би можеле повторно да извршат воена операција против Иран, додека конфликтот меѓу двете земји продолжува да се продлабочува. Изјавата доаѓа во период кога војната влегува во осмиот месец, а растот на цените на горивата сè повеќе влијае врз политичката атмосфера во пресрет на среднорочните избори во Соединетите Американски Држави.
Говорејќи на предизборен митинг во Флорида, Трамп рече дека Вашингтон има можност да започне уште една воена операција против Иран.
„Можеме да почнеме уште една мала операција ‘Епски бес’“, изјави Трамп, без да открие дополнителни детали за евентуални планови.
Операцијата „Епски бес“ е називот што американската војска го користи за воената кампања против Иран, која започна на 28 февруари со серија воздушни напади.
Претходно истиот ден, американскиот претседател оцени дека САД имаат капацитет брзо да ја завршат војната, но додаде дека сè уште не е донесена одлука дали конфликтот треба да биде завршен веднаш или да се дозволи постепена деескалација.
Трамп потсети и дека претходно изјавил оти Вашингтон нема да започне нов напад врз Иран пред среднорочните избори, на кои ќе се одлучува за контролата врз американскиот Конгрес.
На митингот во Флорида, каде кубанско-американската заедница има значително политичко влијание, Трамп се осврна и на Куба. Тој порача дека по решавањето на кризата со Иран, неговата администрација ќе се фокусира и на односите со Хавана.
Во таа насока, Трамп изјави дека американските поморски сили, кои моментално се ангажирани во операциите поврзани со Иран, би можеле да се упатат кон Куба, додавајќи дека државниот секретар Марко Рубио би имал важна улога во идните активности кон островската држава.
